Без загубен сет, Новак Ѓоковиќ се пласираше во финалето на Мастерс турнирот во Рим, тоа е вкупно 12 финале за српскиот ас во италијанскиот главен град.
Од претходно се знае дека Србинот го обезбеди првото место на АТП листата, во понеделник ќе ја започне 370 недела на врвот. Уште осум недели му недостастуваат да го надмине рекордот на легендарната Штефи Граф.
Тој ќе биде на врвот на листата уште најмалку четири недели, до крајот на турнирот на „Ролан Гарос“, каде ќе се обиде да стигне до 21. титула на Грен слем турнирите. Досега има победено девет пати на „Австралија опен“, шест пати на „Вимблдон“, три пати на „УС Опен“ и два пати на „Ролан Гарос“.
Тој е првиот тенисер во опен ерата кој победил на секој Грен слем турнир најмалку двапати, а тој е првиот и единствениот играч кој ги освоил сите девет турнири во серијата АТП Мастерс 1000, единствениот што ги освоил сите 1000 Мастерси најмалку двапати.
Тој освои вкупно 37 турнири во оваа категорија, а рекордот го држи со освоени дури шест во една сезона. Но, и тоа е само дел од импресивната листа на рекорди кои најверојатно ќе бидат надополнети во наредните денови и недели.