Фудбалерите на Арсенал денеска загубија од тимот на Њукасл со резултат 2:0 во 37 претпоследно коло од Премиер лигата.
За Арсенал овој натпревар беше многу важен во трката за едно од местата кои водат во групите на Лигата на шампионите следната сезона.
„Топџиите“ ги разочараа своите навивачи со пораз од 2:0 на стадионот „Ст. Џејмс Парк“, а тоа донесе и радост во редовите на Тотенхем кој сега е во „пол-позиција“ за освојување на четвртото место.
До вечерва Арсенал ги држеше конците во свои раце за пласман во ЛШ, а сега практично е „невозможно“ да се стигне до четвртото место.
На едно коло до крајот на сезоната, Тотенхем има 68 бодови, два повеќе од Арсенал кој мора дома да го победи Евертон и да се надева на пораз на Тотенхем на гостувањето кај Норич. Петтопласираниот ќе игра следната сезона во групите на Лига Европа.
Њукасл покажа одлични перформанси пред своите навивачи, поведе во 55 минута по автоголот на Вајт, а конечниот епилог го постави Гимараеш во 85 минута. Њукасл по 12 триумф е на 12 позиција со 46 бодови.