Во очекување на потегот од комесарот во Кошаркарската федерација на Македонија, Александар Милојевиќ за инцидентот во Гостивар каде мечот со Пелистер траеше 200 минути и на крајот го доби гостинот од Битола (84:89) двете екипи битката од паркетот ја преселија во медиумите со соопштенија за тоа кој е виновникот за несаканите сцени. Првенството продолжува веќе задутре и се очекува експресна рекација од КФМ, бидејќи Гостивар повторно е домаќин овојпат на уште еден претендент за титулата, МЗТ Скопје. Прекинот на мечот и празнењето на трибината беа последица на удирање со тврд предмет на тренерот на битолчани, Марјан Илиевски.
За непријатните сцени во салата „Младост“ први се огласија од Гостивар.
-Ги осудуваме вчерашните настани, кои немаат допирна точка со кошарката. На многу натпревари имало и ќе има спортско и неспортско навивање, но ретко имало случај каде гостинските играчи се пресметувале физички и вербално со публика и членови на домашниот тим. Овие настани доведоа до прекин на натпреварот при водство на нашиот тим. Благодарение на брзата и професионална интервенција на полицијата се спречи инцидент од поголеми размери. Оставаме на КФМ да ја реши ситуацијата во интерес на спортот и со тоа се надеваме дека во иднина нема да бидеме сведоци на вакви немили настани, велат од Гостивар.
Возвратија експресно од Битола.
-По постојаните непристојни провокации, вулгарни дофрлувања, фрлања на предмети од трибините во текот на целиот натпревар и дополнително на тоа неспортски провокации од клупата и кошаркарите на Гостивар кон нашите кошаркари, во финишот од натпреварот се случи ескалација на зовриената атмосфера и немилиот настан ескалира. Нашата екипа беше нападната од сите страни, гаѓани со секаков вид на тврди предмети и во тој хаос секој се снаоѓаше како знае и умее. За жал најмногу настрада тренерот Илиевски, кој беше погоден со тврд предмет во главата. Судиите професионално ја изменаџираа деликатната ситуација, за која што ние како клуб максимално дадовме поддршка, а се во интерес на кошарката, откако се овозможија услови натпреварот да продолжи. Најостро го осудуваме инцидентот и неспортското навивање со постојано фрлање предмети на теренот и лично заканување кон кошаркарите од страна на публиката. Се надеваме дека во иднина вакви ситуации нема да се случуваат и вистинските љубители на кошарката ќе уживаат во преостанатиот дел од возбудливото првенство на Македонија, се вели во соопштението на битолчани.