Бројни тенисери ја критикуваа одлуката на британските власти да не дозволи учество на Вимблдон на спортистите од Русија и Белорусија, како дел од санкциите на Велика Британија кон државите кои се директни учесници во војната во Украина.
Тенисерите бараа реакција од АТП, а тениската организација денеска го возврати ударот до Британците – обелоденувајќи дека пласманот на Вимблдон воопшто нема да се бодува, а мечевите ќе се играат само за престиж.
„Можноста за играчи од сите националости да учествуваат на турнирите без никаква дискриминација е основно начело на АТП-турнирите. Одлуката на Вимблдон да ги казни руските и белоруските тенисери и да ги суспендира летово го поткопува интегритетот на натпреварување и на нашиот систем на рангирање. Поради тоа, со големо жалење соопштуваме дека нема да доделиме АТП-бодови за Вимблдон во 2022 година“, се вели во соопштението на АТП.