Македонија Ѓорче Петров после 16 години пауза повторно е победник во Купот на Македонија, после вечерашната победа со 4-3 на пенали (0-0) против Силекс во финалето на нашето најмасовно натпреварување.
Младиот голман на „лавовите“ Христијан Стефковски е херојот на ѓорчепетровци со два одбранети пенали во рулетот од белата точка, откако ги запре Бурхан Алии и Благоја Спирковски, за Сефер Емини да го релизира последниот пенал за првиот трофеј после 2006 година.
За Македонија ЃП погодија Ермедин Адем, Есмин Личина, Давид Атанаскоски и Емини, а промаши Јован Попзлатанов со ужасната паненка, во четвртата серија кога имаше шанса порано да ја обезбеди победата во овој рулет. Дејан Цветановски, Филип Стојчевски и Антонио Каланоски ги погодија пеналите за Силекс
Ужасно досадни два часа фудбал одиграа бившите македонски прваци во кои повеќе ја измачија топката, па севкупно само три возбудувања во 120-те минути имаше на Арената, па повеќе делуаше дека и двата тима уште однапред влегоа со пристап да ја бараат шансата за трофејот преку пеналите.
Сефер Емини во втора минута имаше шанса за гол од од слободен удар откосо, а шутот по земја го одбрани Даниел Божиновски, Антонио Каланоски за кратовци имаше зицер во 57-та минута кога Христијан Стефковски спречи чист гол и Годберг Купет во 95-та по еден центаршут само млако биеше со глава во голманот на Божиновски.