Кошаркарите на Црвена звезда ќе играат во финалето на АБА лигата откако во мајсторката што вечерва се играше во Белград, ја совладаа Цедевита Олимпија.
„Црвено-белите“ во одлучувачкиот трет натпревар славеа со 88:78 и си закажаа пресметка со трофејот со вечниот ривал Партизан кој ден претходно во мајсторката го декласира Будуќност со 101:77.
„Црвено-белите“ одлично го започнаа натпреварот и за седум минути дојдоа до двоцифрена предност (20:10) за во втората четвртина да дојдат и до плус 19 (35:16). Гостите успеаја да направат серија 0:12 и на одмор да заминат со пет поени негатива, 42:37.
Стартот на второто полувреме повторно и припадна на Црвена звезда која дојде до плус 20 (67:47). Но, гостите не се предаваа, направија серија од 0:7, а во финишот дојдоа и до едноцифрена негатива, но во последните моменти од играта, играчите на актуелниот шампион во АБА лигата успеаја да ја зачуваат предноста и да обезбедат пласман во финалето.
Најдобри во редовите на Црвена звезда беа Калиниќ со 15 и Ивановиќ со 11 поени, додека кај Цедевита Олимпија најрасположени за игра беа Ферел со 25 и Драгиќ со 21 поен.
Првиот натпревар од финалето меѓу Црвена Звезда и Партизан ќе се игра в петок.