Напаѓачот на англискиот фудбалски вицешампион Ливерпул, Мохамед Салах, кој влегува во последната година од својот договор, порача денеска дека и следната сезона ќе остане на „Енфилд Роуд” без разлика како напредуваат преговорите за продолжување на соработката.
Салах, кој сезонава постигна 23 голови во Премиер лигата, би можел без обесштетување да го напушти Ливерпул доколку преговорите за нов договор пропаднат.
– Со сигурност останувам и следната сезона, меѓутоа, во моментов не размислувам за договорот. Сакам да се фокусирам на екипата. Ова е навистина важна недела за нас. Сакам повторно да ја освојам Лигата на шампиони, изјави Салах, алудирајќи на финалето против Реал Мадрид, в сабота во Париз.
Претседателот на Ливерпул, Том Вернер, претходно оваа недела рече дека сака да ги задржи во тимот Салах и неговиот соиграч Садио Мане, кому, исто така, на крајот на идната сезона му истекува договорот.