Услишана е молбата на тренерот на новиот италијански фудбалски првак Милан, Стефано Пиоли, да му биде вратен освоениот златен медал кој му беше украден за време на прославата по триумфот над Сасуоло на стадионот во Реџо Емилија во неделата.
Пиоли (56), кого многумина го сметаат за најзаслужен за првата шампионска титула на Милан по 2011 година, во понеделникот се пожали дека за време на прославата му бил украден медалот и замоли да му биде вратен, бидејќи е „единствениот кој го има”.
Полицијата потоа почна истрага и го пронајде навивачот кој го отуѓи медалот, откако на инстаграм објави своја фотографија со одличјето и порака „благодарам Пиоли”.