Фудбалерот од средниот ред на Брегот на Слоновата Коска, Франк Кеси, најави дека ќе го напушти Милан по истекот на неговиот договор на лето. 25-годишниот фудбалер се поврзува со трансфер во Барселона, Шпанија.
„Емоциите се навистина силни“, изјави Кеси за Канал + по освојувањето на шампионската титула во Серија „А“ со Милан.
„Поминав пет многу важни години во тимот, каде што бев целосно посветен на проектот. Ова е мојот последен месец овде. Во последните пет сезони успеавме да се вратиме во Лигата на шампионите и да ја освоиме шампионската титула. Го направив тоа што ме привлекуваше и мислам дека сега нема подобар начин да се разделиме“, изјави халфот.
Тој во Италија пристигна во 2015 година и потпиша со Аталанта. Две сезони подоцна Кеси играше во Милан на позајмица, а во 2019 година беше купен од великанот од Милано.