Ракометарите на Вардар 1961 ја одбранија домашната титула, откако попладнево во својот завршен натпревар сезонава во македонската Суперлига го совладаа Тиквеш на домашен терен со 37-25 (18-10) во салата „Јане Сандански” во Скопје.
Ова е јубилејна 15. македонска титула за „црвено – црните”, освоена во неизвесна трка со единствениот конкурент Еурофарм Пелистер, кој повторно мораше да се задоволи со второто место.
Вардар сезоната ја заврши со двојна круна, откако претходно го совлада Еурофарм Пелистер и во финалето на националниот куп.
Дуелот против Тиквеш беше последен во „црвено – црниот” дрес за Оливие и Кевин Њокас, Патрик Валчак, Стефан Додиќ, Џереми Тото и Диало Бакари, кои од следната сезона нема да бидат дел од Вардар 1961.