Модерната технологија се почесто се користи за дополнително унапредување на фудбалската игра, па иако тренерите најчесто сакаат да се држат до докажаните и постарите методи, сепак видео анализата е нешто што стана составен дел од оваа игра.
Интересна ситуација се случи на вчерашниот тренинг на Ливерпул во најавата за големото финале во Лигата на шампионите, бидејќи Јирген Клоп на двајца свои фудбалери ја употреби ултра модерната технологија, која треба да им помогне на играчите да носат подобри одлуки на теренот.
Ливерпул веќе извесно време соработува со „Неуро 11“, што всушност е специјализиран компјутерски програм, односно машина која им помага на играчите со сензори за мозок.
Александер Арнолд и Гркот Цимикас вчера одработиле дел од тренингот со сензори за мозок на своите глави, па оваа иновација секако привлече огромно внимание на фоторепортерите, без оглед на тоа што Англичаните се запознаени со овој метод на Клоп.
Целта на технологијата е собирање на податоци за тоа како функционира мозокот во дадени ситуации, а потоа преку компјутерска анализа се даваат предлози како можат да се носат подобри одлуки во тешки ситуации, или при изведување слободни удари и прекини.