Фестивалот на традиционална храна и музика „Дојран Гурман Фест” ќе се одржи утре во дворот на основното училиште „Кочо Рацин” во Нов Дојран.
Презентацијата на гастрономските специјалитети карактеристични за ова поднебје, што ќе бидат подготвени од дојранските домаќинки, ќе почне во 19 часот, соопшти Здружението на жени „Дојрана”.
-Трпезата ќе изобилува со врвни традиционални јадења и специјалитети, како крап во тава, риба на трска, вкусни пекарски производи, баклава и познатата дојранска татлија која се подготвува со младо сирење и шербет, рече градоначалникот Анго Ангов кој срдечно ги поканува сите заинтересирани граѓани и гости да бидат дел од традиционалната манифестација во Дојран.
Организатори на „Дојран Гурман Фест” се Здружението на жени „Дојрана” и Општината Дојран.