Серафимов: Не сме фаворити против Бугарија, но можеме да се вратим со трите бода

Младиот стопер во македонската репрезентација Никола Серафимов од унгарски Залаегершег сѐ уште нема официјално деби во А-селекцијата, иако со преземањето на кормилото од страна на селекторот Благоја Милевски тој е постојано дел од националниот тим. Дебито во државниот дрес Серафимов може да го има во претстојните четири меча од групата во сегментот Ц, од Лигата на нации во која Македонија почнува со Бугарија во Разград на 2 јуни по што има уште едно гостување кај Гибралтар на 5 јуни, па два домашни натпревари со Грузија на 9 јуни и со Гибралтар на 12 јуни. Во септември е вториот дел од натпреварите од групата во кои на „црвено-жолтите“ им преостануваат реванш дуелите со Бугарија дома со Грузија на гости. Првото место во групата носи и скок во Б-сегментот од Лигата на нации, како и настап во баражот за пламан на ЕП-2024 и евентуално трет барабан за ждрепката во октомври во евроквалификациите. Многу придобивки можат да имаат македонските репрезентативци ако одиграат добар лигашки циклус.
-Оваа група е максимално израмнета, зашто во денешно време сите играат фудбал, се случуваат чуда и секој против секого може да извади добар резултат. Ние сме најдобар доказ за тоа, пример дека сѐ е можно денеска, после тоа изненадување во Италија, бевме близу до СП. Не можам да кажам дека сме апсолутни фаворити со Бугарија, зашто мечот го играме на гости, така да шансите се еднакви – 50-50. Сепак, очекувам добра игра и наше добро издание против Бугарија. Соседот Бугарија има квалитетен состав, но ако одиграме како што знаеме и умееме ќе ги донесеме трите бода во Скопје, вели Серафимов.

Треба да знаете
Последни објави