Деновиве претставуваат реална можност да им се укаже помош на луѓето, кои како бегалци од воените жаришта престојуваат во нашата држава. Не постои вистинско време за добро дело, добро дело се прави секогаш и секаде кога сме сплотени. Така, во периодот од 25.5.2022 (среда) до 27.5.2022 (петок) во МОШ Бар (MOSH) во центарот на Скопје се одржа хуманитарната акција за помош на бегалците од Украина, насловена како „Денови на хуманост”.
„Емотивната побуда за оваа акција е да им се помогне на оние кои останаа без своите домови, спомени, животи, а рационалната со слични примери да се разбуди свеста кај индивидуалците со вакви чекори и акции да бидат директен фактор за позитивна промена на колективната свест. Малку треба да ја разбудиме човечноста во сите нас, со мал чекор можеме да направиме голема промена, затоа сакам од срце да им изразам благодарност на сите кои беа дел од оваа акција, големо благодарам на сите компании, институции, граѓани, пријатели… кои несебично се вклучија во акцијата и секој на свој начин дадоа придонес за успешна реализација на оваа активност, изјави иницијаторот на „Денови на хуманост”, Јован Андоновски, заменик-народен правобранител.
На прес-конференцијата присуствуваа и г. Роман Буга, заменик-амбасадор на Украина во Скопје, и г. Олександар Урбановиќ од Здружението на Украинците во С Македонија.
„Многу сме среќни што луѓето од вашата земја даваат силна поддршка на нашата земја, на нашите Украинци, во ова тешко време во кое веќе четврти месец во Украина владее страшна војна. Многу луѓе ги напуштија своите домови, својата земја, за сите нив е потребна голема поддршка како материјална така и морална. Сите видови на поддршка се добредојдени затоа сме ви благодарни на сите вам. Велите дека сте мала земја, но ние секојпат одговараме дека имате големи срца и токму оваа ситуација покажува дека вистинските пријатели се гледаат во тешки времиња и јас се надевам дека оваа акција како дел од целосната поддршка на Украинците сместени во Северна Македонија ќе биде продолжена”, рече Буга и уште еднаш се заблагодари за огромната поддршка.
„Сакам да се заблагодарам на господинот Јован Андоновски за организирањето на овој настан и, пред сѐ, сакам да кажам дека уште на самиот почеток на војната во Украина почувствуваме голема поддршка од Македонија и со таа поддршка заедно со Амбасадата успеавме во Украина да испратиме 14 камиони хуманитарна помош. Со овој настан ќе помогнеме на одреден дел од луѓето што се тука во Македонија, можеби нешто ќе се прати и за Украина и со тоа ние ќе имаме можност да им помагаме на оние кои секојдневно се под стрес од оваа војна. Ви благодарам, војната уште трае и уште ни треба вашата помош секој кој може да помогне да го стори тоа, магацинот на Горска во Ѓорче Петров е отворен секојдневно и помош може да се донесе во кое било време. Помошта во првата прилика ќе биде или испратена во Украина или споделена тука меѓу Украинците на кои им е потребна, вели Олександар Урбановиќ од Здружението на Украинците во С Македонија.
На прес-конференцијата се дискутираше и за клучните проблеми коишто беа идентификувани, а тоа се пристапот до пазарот на трудот, здравствената заштита, регулирање на престојот во земјата, односно севкупно интегрирање во општеството.
На пунктот за донации отворен во МОШ (Центар), во изминатите три дена беа собрани детска и облека за возрасни, храна и сл., а во склоп на хуманитарната забава, одржана во петокот, беа собрани и парични средства. Целиот фонд ѝ е доделен на Амбасадата на Украина во Скопје, што потоа ќе биде распределен на бегалците кои се наоѓаат на македонска територија.
Хуманитарната акција „Денови на хуманост” беше во организација на Јован Андоновски, заменик-народен правобранител и МОШ (MOSH Bar) во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Украина во Скопје.