Играчите предводени од селекторот Благоја Милевски ја темпираат формата за јунските натпревари во Лигата „Ц“ од УЕФА Лигата на нации.
Во текот на утрешниот ден се очекува и доаѓањето на напаѓачот Александар Трајковски за да се комплетира националната А селекција.
Најдобрата македонска репрезентација својот прв натпревар ќе го има на 2 јуни во Разград против Бугарија. Три дена подоцна му гостуваме на Гибралтар, на 9 јуни ќе ја пречекаме Грузија, а на 12 јуни во Скопје ќе дојде Гибралтар.
Бобан Николов, кој сезонава стана шампион на Молдавија, исто така, не се радува на тоа што во толкав мал период ќе се играат дури четири мечеви, но кога се работи за репрезентацијата, како што вели играчот на Шериф Тираспол ништо не е тешко.
– Дојдовме да ги одиграме максимално овие четири натпревари, затоа што кога доаѓаш за репрезентацијата ништо не е тешко. Искрено, ова е катастрофа што се случува, да играш четири натпревари за 10 дена, но во тоа не можеме да навлегуваме. Си има правила, ќе биде тешко, но не бараме оправдување. Нашата цел е првиот натпревар против Бугарија, не нè интересираат другите мечеви. Сите знаеме и не бегаме од тоа дека сме фаворити во групата за да бидеме на првото место и да имаме повторно шанса да играме на големо натпреварување. Тоа што се случи со Италија и Португалија, покажа дека многу можеме, но тоа треба да го оставиме зад себе. Сега треба да бидеме уште поконцентрирани за да покажеме дека ништо не е случајно во фудбалот.
Момците се многу квалитетни, и како луѓе и како фудбалери, со многу добри карактери. Првпат се тука, но поминаа низ У21 селекцијата и играат во добри клубови. Сите кои се тука ќе помогнат на било каков начин. Ние сме тука да им дадеме поддршка, добро се вклопија и се надевам дека ќе останат подолг период со нас. Доколку играме како што знаеме, како што игравме досега мислам дека можеме да ги победиме Бугарите. Треба повеќе да бидеме фокусирани на нашата игра – се зборовите на Николов.