Георги Петков, најстариот европски чувар на мрежата кој бранел натпревар за фудбалската репрезентација на Бугарија и играл европски клупски меч со 42 години, во пресрет на дуелот меѓу Бугарија и Македонија в четврток во Разград (18 ч.) порача дека не сака ни да помисли дека неговата селкција може да загуби на стартот од новото трето издание во Лигата на нации.
Петков е легенда на Славија Софија за која играше 11 години (1996-2001 и 2012-2018) и на Левски за кој играше 10 години (2001-2011).
-Во фудбалот резултатите се најважни и не сакам да помислам што ќе биде ако загубиме од Македонија. Овој меч е клучен за Бугарија, зашто ако загубиме сѐ ќе тргне надолу, повторно ќе видиме раздор, сигурно ќе има смена на селекторот и пак ќе се вратиме на истото – да го чекаме следниот циклус, во случајот квалификациите. Затоа овој меч е многу важен, од причина што со победа ќе го фатиме вистинскиот правец и работите ќе тргнат на добро, а фудбалерите ќе добијат на самодоверба, навивачите ќе се вратат на стадион и репрезентацијата ќе има поддршка како што беше порано, вели Петков.