Англискиот фудбалски премиерлигаш Ливерул за една недела доживеа два многу тешки удари. Ја загуби најпрво трката за шампионската титул во Англија од Манчестер сити со кого буквално до послените минути од последното коло се менуваа на тронот, а по тој удар викендов остана и без европската круна. Реал Мадрид во Париз со „два удари“ кон голот наспроти „бомбардирањето“ на „црвените“ им ја одзеде титулата во Лигата на шампионите.
За да не бидат потиштени, тренерот Јирген Клоп реши да им ги залечи раните на своите избраници со организирање на шампионска парада по повод освоените два трофеи во Лига Купот и ФА Купот.
Навивачите на Ливерпул одговорија на повикот и во огромен број се појавија на улиците, а тоа предизвика и зајадлив коментар од страна на сопругата на Фабињо. Ребека Тавареш испрати „отровна стрела“ кон Манчестер сити, порачувајќи дека страста и љубовта кон еден клуб не може да се купи со нафтата од милијардерите.
– Има некои работи кои не можат да се купат со нафта….. Ние сме Ливерпул, ова значи повеќе! Се гледаме следната сезона црвено семејство. Благодариме за поддршката – порача Ребека.