Извршниот директор на Ливерпул, Били Хоган побара од француската министерка за спорт Амели Удеа-Кастер да се извини за нејзините изјави за британските навивачи по финалето на Лигата на шампионите.
– Бевме изненадени кога слушнавме такви коментари во ситуација кога немаше време да разбереме што се случило. Тогаш немаше независна истрага за да се утврдат сите факти. И да се извлечат заклучоци пред крајот на оваа истрага е целосно неприфатливо. Нашите навивачи добија информација од УЕФА дека можат безбедно да одат на стадионот, што и го направија, навреме пристигнаа на арената. Но, веќе по нивното пристигнување на стадионот, започнаа проблемите, изјави Хоган за „Sky Sports”.
Тој додаде дека на почетокот не им верувал на зборовите на францускиот министер за спорт.
– На почетокот не верувавме кога ги слушнавме овие коментари. Претседателот на Ливерпул, Том Вернер, испрати писмо до француската министерка за спорт во кое го изразува нашиот став и бара извинување до нашите навивачи, рече Хоган.
Во понеделникот Удеа-Кастера ја обвини британската страна за немирите пред финалниот натпревар од Лигата на шампионите. Таа изјави дека 2.700 навивачи со оригинални билети не стигнале на натпреварот, бидејќи илјадници други навивачи се обиделе да упаднат на стадионот со лажни билети. Како резултат на тоа, влезот во арената беше затворен.
Европската фудбалска асоцијација најави дека ќе ја истражи ситуацијата со билетите за финалето на Лигата на шампионите.
Во саботата во предградието на Париз на стадионот „Стад де Франс” се одигра финалето во Лигата на шампионите во кое Реал Мадрид го победи Ливерпул со 1:0. Пред почетокот на натпреварот француската полиција употреби солзавец против навивачите на Ливерпул кои се обидуваа да упаднат на стадионот.