Викендов во с. Леуново, Општина Маврово и Ростуше, се органзираше првата трка со препреки во Република Северна Македонија, од страна на Регруп ДОО (производител на брендот HoneyBadger).
На трката присуствуваа повеќе од 250 натпреварувачи кои се соочија со тешки временски услови. Се трчаа 12 километри на дожд, ветер, грмотевици и град, а потоа сите натпреварувачи гордо зачекорија преку крајната цел, и успешно ја завршија претходно предвидената кружна шумска патека. Натпреварувачите се соочија со препреки од типот на: високи вертикални ѕидови, трчање преку гуми, искачување на јаже, носење товар по стрмнина, ползење по кал, како и фрлање копје.
Трката, со свој поздравен говор, ја отвори градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, г-дин. Медат Куртовски, кој им посака успешна трка на сите натпреварувачи и изрази благодарност што првата трка се организира токму во оваа општина.
„Да се организира ваква трка за прв пат во државата претставува огромна чест и задоволство за нас. Би сакале да се заблагодариме на сите натпреварувачи, Општина Маврово и Ростуше, како и сите спонзори и пријатели на трката и сите волонтери. Им честитаме на сите натпреварувачи за успешно завршување на трката.“ изјавија организаторите од Регруп ДОО.
Во категорија жени најуспешни се издвоија:
Прво место: Вера Урдаревска – „MacedoniaOCR“
Второ место: Вики Ристоска – „Fit Hub“
Трето место: Сања Најдовски – „TREX“.
Во категорија мажи:
Прво место: Дејан Тодевски – „MacedoniaOCR“
Второ место: Димитар Тодоровски – „MacedoniaOCR“
Трето место: Александар Ѓорѓиевски – „091RUNCRW“.
Во категорија тимови:
Прво место: „MacedoniaOCR“
Второ место: „Alebras“
Трето место: „DeltaTeam“.
Целта на трката беше да се подигне спортскиот и натпреварувачкиот дух во Северна Македонија, како и да се промовираат македонските национални паркови и македонските природни ресурси. Оваа трка се одликува со воинствен карактер, каде што се бара висока физичка и психичка подготвеност со цел успешно совладување на сите препреки за натпреварувачите да стигнат до целта. Организаторите на трката веќе најавија и подготовки на новата, втора трка од ваков карактер.
Трката ја подржаа Соко Горица ДООЕЛ – Вита-Го, ДУНА, Алгасан, Вода Ладна Екологистик сервис, Виталиа, ФруитЛенд, Фитнес Клуб Атлета и Скара Лесковац.