Германските електроенергетски компании RWE и Uniper потврдија дека првпат платиле за рускиот гас според московскиот декрет кој предвидува плаќања во рубли преку банка посредник во Русија. Според рускиот декрет од крајот на март, купувачите од „непријателските земји“ мора да отворат сметка во Газпромбанк на која префрлаат пари во договорената валута, главно евра и долари. Банката потоа ги продава на аукција на берзата и ги префрла на сметката на добавувачите на Гаспром.
Москва ги смета за непријателски земјите-членки на ЕУ, САД, Швајцарија и другите кои воведоа санкции кон Русија за да ги исклучат големите руски банки од глобалниот финансиски систем.
Регулативата ги подели земјите на ЕУ. Така, Полска, Бугарија и Финска одбија да платат за рускиот гас според новите правила, а Гаспром го прекина снабдувањето во мај. Оваа недела руската компанија објави дека повеќе нема да испорачува гас на холандската GasTerra или данската Oersted.
Германија е главен увозник на руски гас, кој минатата година учествуваше со повеќе од половина од увозот на гориво, а значителен дел беше нарачан од Uniper и RWE. Двете компании веќе најавија дека ќе отворат сметки во Газпромбанк, во согласност со сегашните санкции кон Русија, за да се обезбеди континуирано снабдување со гас на Германија.