Скапиот влез во ланците маркети и незаинтерсираноста за соработка
со мали производители, беше причината поради која 11 домашни семејни компании одлучија да се здружат и заеднички да ги пласираат своите производи под брендот „Премиум”.
Палетата содржи природно ладно цедено сончогледово масло, намаз од афион со сончогледов путер, ладно цедено масло од бело афионово семе, охридско макало со магданос, доматно макало со лук, сецкан сушен домат, ладно цеден сок од аронија, ладно цеден сок од аронија и грозје, ладно цеден сок од аронија и јаболко, органски путер од лешник со мед и какао, кралски крем, путер од лешник и мед, органски шумски мед, органски шумски мед со полен, органски чаеви, слатко од зелени смокви, гемиџиски ајвар, тартуф, балсамиран оцет од модри сливи и јаболков оцет, како и гроздов маџун, но и има и козметичка линија со повеќе видови рачно изработени природони сапуни.
Овие производи, со врвен квалитет, стопроцентно природни, добиени исклучиво од наши, македонски суровини, засега може да се најдат само во неколку скопски локални продавнички, пиљари и месарници. Потрошувачите можат многу лесно да ги препознаат, зашто се наредени на посебни дрвени полици, специјално направени за оваа намена.
Како што беше речено на денешната промоција, предвидено е наскоро продажбата да се прошири и во Куманово и Охрид.
„Премиум” производите се речиси двојно поевтини од увезените во нивен ранг.
-Ние всушност, не продаваме скапи производи, туку се соочуваме со нелојална конкуренција, а и потрошувачите не не знаат, не не препознаваат. Сите маркети се рекламираат и велат „купувајте македонски производи”, „земјате наше, македонско”, но само за да привлечат луѓе, зашто кога ќе влезете во маркетот, нашите производи се во втор план – долу или позади. Сакаш да купиш ајвар, најгоре на рафтовите ќе видиш ајвар од Италија, а нашиот е скроз долу. Се водиме по некоја чудна логика. Нашите производи се секогаш после странските. Мора да го смениме мајндсетот сите, и ние и потрошувачите и маркетите. Купувачите како да имаат повеќе доверба во странските производи или повеќе ги препознаваат, а нашите не, рече Александар Димитриевски, сопственик на компанијата „Био Оил” каде што беше организирана промоцијата и иницијатор на заедничкиот бренд „Премиум производи”.
Според Димитриевски, откако компаниите почнале да настапуваат заеднички, забележале зголемување на продажбата.
-Засега, нашите производи се достапни само во локални продавници низ Скопје, ги нема во маркетите. Имаме околу десетина „Премиум” сталажи, а со Акцискиот план се планирани околу 50 и веќе се подготвуваат. Користиме суровина исклучиво од наши, домашни производители. Откупуваме лук, афион, лешник, се што е потребно. Се здруживме пред четири месеци за да го надминеме заедничкиот проблем – застапување пред маркетите. Неопходна ни е логистика, маркетинг, дистрибуција. Претходно продававме секој за себе. Многу е битно и да се нагласи дека овие наши „премиум” производи не се поскапи од странските. Напротив. Нашиот путер од лешник, на пример, е 260 денари, а италијанскиот или германскиот увезен чини 300 – 400 денари. Маслото од афион исто така, во Словенија, Италија или САД чини 50 – 80 евра половина литар, а кај нас е 2 000 денари, нагласи Димитриевски.
И маслото од тартуфи, 250 милилитри, кое во маркетите се продава по минимум 1 200 денари е поскапо од македонското „Премиум” масло од тартуфи кое чини 760 денари.
Димитриевски порача дека земјава има одлични ресурси и квалитет, но мора да се работи многу на промоција, за пред се домашните потрошувачи да знаат со што се располагаме.
Засега во алијансата „Премиум производи” се мали, семејни фирми од различни региони во државата – Струга, Струмиуца, Охрид, Ресен, Кавадарци, Битола, но, како што истакнаа учесниците на промоцијата, се очекува зголемување на бројката. Ваквиот пристап овозможи сите овие производители да добијат поголема видливост и присутност во малопродажбата. Моделот беше препознаен како уникатен и поддржан од швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка.
– Атрактивното брендирање и заедничкиот пазарен пристап ќе доведат до поголема можност за
соодветно претставување на уникатните карактеристики на премиум производите и зголемување на продажбата. Преку креирањето вакви здружени иницијативи се зајакнува конкурентноста кај бизнисите и
на долг рок се помага во создавањето на нови одржливи работни места во земјата. Алијансата ќе придонесе за зголемена конзистентност и квалитет, подобрување на комуникацијата со заедничкиот бренд и проширување кон извозните пазари. Ваквиот модел на заедничка дистрибуција, промоција и продажба на производите е одличен пример и за други домашни бизниси и претприемачи да настапат здружено на пазарот, да додадат дополнителна вредност на производите и да имаат поголема визибилност. Секако, севкупниот процес води до зголемена свест и менување на навиките кај потрошувачите за достапноста и квалитетот на домашно произведените премиум производи, оцени Анета Дамјановска, национален координатор, Амбасада на Швајцарија во Република Северна Македонија.