Имаме најавено дека после датумите 22 и 23 јуни, Алијансата за Албанците ќе излезе со свој проект и предлог за своите активности како и досега, но динамизирани, за да ја извади вистината на површина, да им ја понуди на граѓаните својата понуда и да бара предвремени парламентарни избори, истакна на денешната прес-конференција во Собранието пратеникот на АА Ељми Азири.
– Граѓаните се сведоци дека и меѓународните претставници во земјава почнале многу гласно да зборуваат за степенот на политизираност на институциите, особено на судските, за високата корупција, за неподготвеноста на институциите да се борат со корупцијата и слично, тоа се доволни работи и Алијансата за Албанците да бара предвремени парламентарни избори. Јавноста е информирана дека Алијансата за Албанците го почитува тензичното ниво на регионални и глобални настани и во овој контекст, му дадовме приоритет на Самитот на Европската комисија што ќе се одржи на 22 и 23 јуни. Нашите молитви до Република Бугарија се да го тргне ветото и да даде силен надежен сигнал за граѓаните на Република Северна Македонија дека вратите на Европската унија се отворени за граѓаните на оваа земја и за целата земја во целост, рече Азири.
Тој додаде дека Алијанса за Албанците на 10 март на седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет и пленарна седница даде предлози во вид на амандмани за намалување на акцизата од 22 на 15 денари за бензинот, од 15 на девет денари за дизелот и ДДВ од 18 на 5 отсто за двата вида на деривати, но сите предлози беа отфрлени.
– Кога Владата би ги поддржала и би вметнала овие наши предлози, со оваа покачување на цените, цената на литар бензин би бил 85,5 денари, додека на дизелот 77,5 денари. Значи, тука се зборува за една нелогична поставеност на Владата, затоа што на нив не им е целта како да помогнат, туку прават огромни калкулации првенствено колку не треба владата да губи од можноста за прибирање на приходи. Ние како политичка партија не сакаме да ја комплицираме работи, ќе постапиме на најдобар и најпродуктивен можен начин. Нас не ни смета, на пример, и на предложените законски решенија да поднесеме амандмани и врз нив да се делува со нашите предлози. Наша цел не е да се истакнеме дека еве ние предлагаме едно, предлагаме друго, но сакаме нашите предлози во полза на граѓаните да се прифатат дали од страната на Владата или опозицијата, рече пратеникот Азири.
Азири информира дека парламентарната група на Алијанса за Албанците денеска ќе одржи средба, на која се очекува да одлучуваат како ќе постапат во однос на анти-кризните мерки.
– Оваа Влада ги осиромаши, ги изнудуваше и ги крадеше своите граѓани наместо да се грижат и преокупираат за овие проблеми. Претставниците на оваа власт имаат грижа каде ќе ги поминат викендите со своите семејства. Прават планови низ кои светски познати центри ќе патуваат на шопинг, низ кои туристички и спортски места ќе одат на рекреација, како ќе возат луксузни автомобили и многу други луксузни планови прават. Додека во исто време повеќе од населението пати за парче леб, изјави Азири.