Данска на референдум изгласа учество во европската одбрана

Три месеци по руската инвазија на Украина, огромно мнозинство Данци, речиси 67 отсто, гласаа за учество во одбранбената политика на Европската унија, покажаа речиси целосните резултати од референдумот во средата, пренесува „Франс прес“.

Позитивниот исход од данскиот референдум доаѓа откако Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО, бидејќи војната во Украина поттикна неколку европски земји да ги променат своите одбранбени политики.

„Данска вечерва испрати важна порака до нашите сојузници во Европа и во НАТО и (до претседателот Владимир) Путин. Покажавме дека кога Путин напаѓа слободна земја и ја загрозува европската стабилност, ние, другите земји, се обединуваме“, рече премиерката, Мете Фредериксен.

„Европа постоеше до 24 февруари, пред руската инвазија, но Европа постои и по неа“, рече таа.

Опозицијата спремно реагираше. Лидерот на конзервативната опозиција, Сорен Папе, по објавувањето на излезните анкети пред парламентот изјави: „Сè говори дека денеска, по триесет години, Данците одлучија дека треба да го укинеме нашето исклучување од одбраната и да соработуваме поблиску со Европа“.

Лидерите на Европската унија, Урсула фон дер Лаен и Шарл Мишел во средата изразија задоволство од, како што рекоа, историскиот исход на референдумот во Данска за приклучување во одбраната на ЕУ по пребројувањето на 99 отсто од гласачките ливчиња.

Данска, членка на ЕУ од 1973 година, е единствената земја од европскиот блок што не учествувала во неговата одбранбена и безбедносна политика. Референдумот го означи првиот успех на Владата во укинувањето на серијата исклучоци изгласани на референдумот во 1993 година за Договорот од Мастрихт.

Данска оттогаш е надвор од еврозоната, членството беше отфрлено на референдум во 2000 година, но и надвор од европската политика за внатрешни работи и правда, повторно отфрлена на референдум во 2015 година, односно одбраната.

Поради последниот исклучок, скандинавската земја, која е меѓу основачите на НАТО, не можеше да учествува во ниту една воена мисија на ЕУ.

Две недели по руската инвазија на Русија, данската премиерка објави дека се договорила со повеќето партии во парламентот да одржи референдум за приклучување кон Заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ и да инвестира повеќе во одбраната за да ја надмине границата од 2 отсто од БДП за буџетoт за одбрана, како што бара НАТО.

Треба да знаете
Последни објави