Над 300 луѓе во Франција пријавиле дека биле избодени со игла на ноќни забави

Над 300 луѓе низ Франција пријавиле дека биле прободени со игла додека биле излезени во ноќен клуб или на концерт. Сè започнало пред неколку месеци, а надлежните не знаат кој и зошто го прави тоа и дали на жртвите им била вбризгана дрога или други супстанци. Слични појави има и во Белгија, Холандија и Велика Британија.

На почетокот на мај 18-годишниот Томас Лакс бил на концерт во северна Франција. Кога се вратил дома, почувствувал вртоглавица и главоболка, а забележал и чуден убод на раката и модринка, пренесува NPR. Ден потоа, тој сè уште имал симптоми, а лекарот му препорачал да оди во итната медицинска помош. Потврдено е дека бил избоден со игла и бил тестиран за ХИВ и хепатитис. Неговите резултати биле негативни.

„Престанав да одам на концерти откако се случи тоа“, изјавил Лакс.

Леан Деснос (18) е уште една жртва. Во април таа била во клуб во Бордо. Следниот ден се онесвестила. Кога стигнала дома, забележала убод на раката. Била на тестирање и ги чека резултатите.

Луѓе од Париз, Тулуз, Нант, Рен и други градови низ Франција пријавиле дека биле избодени со игла без нивно знаење и дозвола. Оштетените, главно жени, имаат видливи знаци на убоди, модринки и симптоми како замор.

Француската национална полициска агенција соопшти дека 302 лица поднеле официјални пријави за такви убоди од игла. Во тек се неколку полициски истраги во различни региони, но уште нема уапсени осомничени. Мотивот е нејасен.

Ниту една жртва не пријавила сексуален напад. Две лица биле позитивни на GHB. Француското Министерство за внатрешни работи започна национална кампања за подигање на свеста за овие настани.

Треба да знаете
Последни објави