Американскиот претседател Џо Бајден побара построги закони за оружје по масовните убиства во САД. Тој побара Конгресот да преземе мерки против вооруженото насилство по масовните убиства, што училиштата и други места ги претвориле во „полиња на смртта”.
Доколку законодавците не реагираат, предупреди Бајден, гласачите својот гнев би требало да го претворат во централно прашање на изборите во ноември, на половина пат од претседателскиот мандат.
Ако Конгресот не сака да ги прифати сите негови предлози, според Бајден, мора барем да пронајде компромис. На пример, да се спречат лицата, кои имаат проблеми со менталното здравје, да дојдат до оружје. Или пак, да се подигне старосната граница за купување полуавтоматско и автоматско оружје, од 18 на 21 година.
Во минатонеделниот масакр, извршен од 18-годишно момче, убиени се 19 ученици и двајца наставници во основно училиште во Тексас. Во средата во Оклахома напаѓач уби четири лица, па и себе, во медицинска ординација.