Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Дарко Димовски попладнево реагираше на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека ги поддржува работниците, но не и синдикалниот лидер за кого рече дека е омилен на власта.
Димовски го повика Мицкоски да ги повика градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и директорите на јавните комунални претпријатија да им ги зголемат платите на вработените за 2.806 денари.
– Ова не е начин да покажеш дека си поразличен политичар, особено не со декларативни изјави дека поддржуваш декларативно зголемување на платите, а твоите политички поставени директори никаде не ги зголемиле истите и декларативно унапредуваш работнички права, а со предлог измени од твои пратеници во Собранието за недела да биде работен ден преку цела година за работниците во туристичките места ги уназадуваш работничките права. Ваквите напади спрема синдикатите и работниците се ехо на еден режим и се директно спротивни на конвенциите на МОТ, па дали тоа значи директно мешање во работата на синдикатите за што, како што велите Вие, ќе мораме да ги информираме сите меѓународни организации и институци.
Наместо да честиташ родендени и да кажуваш ( лажеш) како си пријател на работниците и да и да кажуваш кој на кого е омилен, охрабри се и кажи им на твоите градоначалници, директори на јавни комунални претпријатија ( ако смееш) да ги зголемат платите на работниците за 2.806 денари во нето износ веднаш како што бараат ССМ и работниците или како што предлагаш и се „бориш “ ти за 18,4% , за повеќе од 50.000 работници за кои директно како „лидер“ ти си надлежен, па од тука јасно ми е зошто нема да ме поддржуваш и да го поддржуваш ССМ кој те потсетувам брои 70.000 членови кои ги навредуваш, а дел од нив се и од партијата на која се нарекуваш лидер!, вели Димовски.
Тој го повикува Мицкоски во понеделник на средба во ССМ за, како што вели, нештата да бидат појасни за сите работници.