Oд Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) го осудуваат, како што велат, крајно неодговорното однесување на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој, според нив, очигледно е опседнат со ЕСМ и со енергетиката и покрај тоа што нема никаква основа.
Реакцијата следи откако Мицкоски денеска изјави дека ќе има поскапување на струјата.
„Мицкоски како советник во Владата на Никола Груевски ја зголеми цената на струја за 100 отсто. Мицкоски како директор на АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ купуваше струја за над 200 евра од мегаватчас во моменти кога цената на берза изнесуваше 50 евра за мегаватчас. Мицкоски како директор на АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ дозволи 10 години да не биде направен ремонт на трите блока на РЕК Битола. Мицкоски не исплаќаше К-15 на вработените во АД ЕСМ. Мицкоски ниту еднаш не ги покачи платите во ЕСМ. Зошто тогаш Мицкоски смета дека има легитимитет воопшто да зборува за енергетиката?“, прашуваат од ЕСМ.
Од таму порачуваат дека наместо да шири паника меѓу граѓаните, Христијан Мицкоски треба да ги советува градоначалниците како да ги намалат трошоците за струја, без да се поигруваат со системот.
„АД ЕСМ ја надмина енергетската криза со која се соочи државата без ниту еден ден рестрикција на струја и без запирање на испораката, вложувајќи ги сите сили и со голема поддршка од Владата. АД ЕСМ изминатите пет години е заштитник на цената на струјата за граѓаните. И ќе биде се додека на чело на компанијата е овој менаџерски тим“, се наведува во реакцијата.