Тимот на Програмата на УСАИД за развој на заедницата, имплементирана од Мрежа за рурален развој на Северна Македонија, во партнерство со Локалната акциска група Бојмија, денеска ќе означи завршувањето на првата заедничка акција во селото Ума, општина Гевгелија.
На настанот, според најавата на организаторите, ќе се обратат Ерик Мејер, заменик шеф на мисијата во Амбасадата на САД во Скопје и градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, а ќе присуствуваат и градоначалниците на Дојран, Анго Ангов, на Богданци, Блаже Шапов и на Валандово, Перо Костадинов, како и претставници од граѓанскиот и приватниот сектор од општина Гевгелија.
Присутните ќе имаат можност да ги погледнат поставените специјализирани станици – „боксови” за одлагање и првична селекција на отпад, јавниот простор на влезот на Ума кој е исчистен со трајно затворање на дивите депонии во селото, како и доизградбата на дел од главна улица во традиционален стил – калдрма во должина од 185 метри. Во реализација на оваа акција, помеѓу вклучените локални чинители се населението, општествено-одговорни компании од приватниот сектор, граѓански организации и Општина Гевгелија. Целта на настанот е промовирање на локалните партнерства помеѓу граѓанскиот, приватниот сектор и локалната самоуправа како и споделување на првичните резултати од овој проект.
Програмата на УСАИД за развој на заедницата го унапредува одржливиот развој на руралните средини во Северна Македонија преку зголемена вклученост на локалните чинители во препознавање и приоретизација на вистинските потреби на заедницата, притоа потпирајќи се на сопствените ресурси и на зголемениот ангажман на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор во заедничките социо-економски и еколошки иницијативи.