Белорускиот претседател, Александар Лукашенко, изјави дека започнува сериозен конфликт меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и украинската армија.
„Во Украина, според моите информации, започнува сериозна конфронтација и конфликт меѓу Зеленски и украинската војска. Армијата, како никој друг, разбира каков е конфликтот со Русија. Таму гинат војници. Тие гледаат што можат, колку се способни и колку можат да се борат. И борбата нема да може да продолжи. Гледате, Русија ја промени својата тактика“, изјави Лукашенко денеска пред новинарите. Неговата изјава ја објави агенцијата „Белта“, а информацијата ја пренесува и руската агенција ТАСС.
Лукашенко смета дека причините за конфликтот меѓу Зеленски и претставниците на, како што рече, националистички ориентираната армија треба да се бараат во договорите меѓу Киев и Варшава.
„Тие гледаат дека (Зеленски) им одобри статус на Полјаците. И кон што води тоа? Отцепување на западна Украина. Затоа започнува конфликт меѓу претседателот и армијата. И сигурен сум дека украинската армија е подготвена да обезглави било кој“, рече Лукашенко.
Тој смета дека националистите сакаат независна Украина.