Фудбалската репрезентација на Унгарија славеше победа од 1-0 против Англија во рамки на првото коло во А-дивицијата во Лигата на нации во рамки на групата 3.
Избраниците на Саутгејт беа апсолутни фаворити пред овој меч на кој домаќините поради казна не можеа да сметаат на најверните, најбучните навивачи, односно на трибините имаше само деца во присуство на родител.
Меѓутоа и покрај тоа Англичаните не се прикажаа во посакуваното светло, па Унгарците во 66.минутa ја искористија шансата од белата точка за голем триумф, кој е прв за оваа селекција против островјаните по 1962 година.
Трагичар на натпреварот беше Рис Џејмс, десниот бек на Челси кој во 62. минута го замени Трент Александер Арнолд, а само две минути подоцна реагираше почетнички, правејќи пенал во сопствениот шеснаесетник што Собослаи го претвори во водечки погодок за Унгарија.
Англичаните се обидоа да израмнат, најубавата можност ја пропуштија преку Хари Кејн, но и имаа многу среќа на спротивната страна бидејќи Унгарија промаши стопроцентна шанса во финишот за постигнување на втор погодок.
Во Б-лигата во Лигата на нации, Ерменија со 1-0 беше подобра од Република Ирска, додека Финска и Босна и Херцеговина ремизираа 1-1.
Во Ц-лигата, Луксембург како гостин славеше со 2-0 против Литванија.