„Заедно со нашите сојузници во НАТО стоиме цврсто на позициите за превенирање на безбедносните кризи кои ги загрозуваат мирот, стабилноста и просперитетот во светот. Ги следиме и се спротивставуваме на операциите кои целат да предизвикаат безбедносна криза која ќе влијае на стабилноста и просперитетот и да создадат дилема околу стратешката улога на НАТО и ЕУ во нашиот регион. Со нашето заедничко учество во мисиите на НАТО и со поддршката на другите активности на Алијансата, заедно се справуваме со гео-политичките предизвици и даваме придонес кон намалување на потенцијалните ризици и закани кон евро-атлантската заедница”, рече министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на средбата со заменикот – помошник секретар за одбрана за меѓународни безбедносни работи, Колин Кал.
Новата безбедносна реалност, нагласи министерката на средбата, повикува на уште посилно сојузништво и брза и ефикасна интеграција на Западниот Балкан во европските и евроатлантските структури.
Петровска се осврна и на, како што рече, домашните задачи – растот на одрбанбениот буџет кој се реализира согласно предивдената динамика, одвојувањето на една третина од тој буџет за модернизација и опремување, како и набавката на нова и софистицирана опрема, а особено лесните оклопни транспортери од американско производство.
„Првата испорака на шест нови лесни оклопни транспортери ја очекуваме кон средината на летото. Тие и останатите транспортери кои се во процес на испорака ќе го сменат ликот на нашата Армија која со секој изминат ден станува посилна, посовремена и поподготвена за заштита на колективната безбедност”, рече Петровска. Додаде дека голем удел во овие позитивни поместувања во Армијата имаат и Соединетите Американски Држави, за што се заблагодари и изрази уверување дека интензивната соработка ќе продолжи и во иднина.
Потсекретарот за одбрана, Кал, порача дека САД отсекогаш ги поддржувале реформите во одбранбениот сектор на Северна Македонија и дека тоа ја покажува посветеноста како стратешки партнери, надградена со стратешкиот дијалог и посветеноста како сојузници во НАТО – Алијансата.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во текот на денот имаше повеќе средби во Пентагон и тоа со командантот на Бирото на националната гарда на САД, генералот Даниел Хокансон, со командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал – мајор Грегори Најт и со потсекретарот на Армијата на САД, Габриел Камарило.