Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (20.45 часот) го игра третиот натпревар од Лигата на нации, а на гости доаѓа Грузија, селекцијата која има две победи на стартот. Избраниците на Вили Сањол ја декласираа Бугарија во Разград (2-5), нешто што не и успеа на Македонија.
Сепак, селекторот Благоја Милевски вели дека за исходот на овој меч ќе се прашува Македонија.
„Ќе се потрудиме да бидеме многу подобри од претходните две средби и мислам дека Македонија ќе се прашува за исходот на овој меч. Секој нареден натпревар е најважен и ние се подготвуваме на таков начин. Грузија има одлични индивидуалци, со Бугарија го покажаа тоа, но секој натпревар е приказна за себе“, изјави селекторот Милевски.
Досега Македонија и Грузија се сретнаа трипати. Ние славевме во плејоф-битката во Тбилиси за пласман на ЕП 2020, а два натпревари во Лигата на нации завршија со нерешен резултат, 1-1.