Партизан ја заврши сезоната, нема да игра во српското првенство

Кошаркарите на белградски Партизан нема да играат во плеј-офот од кошаркарската лига на Србија. Клубот на веб-страницата објави дека играчите ја завршиле сезоната 2021/22.

КК Партизан на јавноста и се обрати преку соопштение, во кое како причина за повлекувањето ги наведоа инцидентите што се случуваа во текот на финалната серија во АБА лигата, против Црвена звезда. Партизан серијата ја загуби со 2:3.

Во клубот стравувале дека инцидентите би можеле да се потворат и во евентуалното финале со Црвена звезда во домашното првенство.

Партизан наведува дека со овој чин сака да покаже дека не сака да биде дел од „хулигански партии на неодговорни поединци“, без разлика на бојата на клубот за кој навиваат.

Исто така клубот бара Кошаркарската лига на Србија да се врати под капата на Кошаркарскиот сојуз на Србија за да излезе од позицијата „во која поединци имаат монопол да ги носат сите важни одлуки“.

Клубот од „Хумска 1“, пред две недели, јавно го искажа незадоволството од тоа што Црвена звезда и во плеј-офот на Србија, ја има предноста на домашниот терен.

Пред почетокот на сезоната, на состанок на сите клубови, меѓу кои и Партизан, била донесена одлука предноста на домашниот терен во српскиот шампионат да ја има најдобро пласираната екипа во регионалната АБА лига.

На потег се сега органите на Српската кошаркарска лига и Сојузот, според правилникот, Паризан треба да биде исфрлен во Третата лига.

Инаку во полу-финалето Партизан требаше да игра со ФПМ Железник, втората двојка е Црвена звезда-Мега. Полу-финалните серии ќе започнат во петок.

Треба да знаете
Последни објави