УЕФА вечерва потврди дека три фудбалски репрезентации преку настапите во Лигата на нации ќе обезбедат пласман на завршницата од Европското првенство кое ќе се игра во Германија во 2024 година.
Победниците од сегментите во А, Б и Ц лигите ќе обезбедат место на ЕП 2024. Со оваа одлука Македонија повторно преку Лигата на нации добива прилика да се бори за настап на ЕП, откако тоа го направи за минатата завршница која се играше ширум Европа.
За да го повтори тој потфат ќе мора да заврши прва во групата 4 од сегментот Ц, а потоа да разигрува со преостанатите три победници од другите групи во истата лига. Но, како се развиваат работите во групата во дуелот со главниот конкурент Грузија по три одиграни кола тешко ќе биде да се стигне на ЕП по овој дополнителен пат, покрај редовниот квалификациски.
Ако на крајот нема доволно репрезентации кои би го пополниле баражот во решавачката трка за учество на континенталниот шампионат ќе се приклучат во разигрувањето и репрезентациите од Д сегментот во лигата.