Македонската фудбалска репрезењнтација синоќа загуби убедливо од Грузија во Скопје (0:3) и ги сведе шансите за освојување на првото место во групата 4 од Ц сегментот во Лигата на нации на теорија, а со тоа и можноста да разигрува за нов пласман на завршницата од ЕП-2024. В недела „црвено-жолтите“ ги очекува последниот четврти меч во овој јунски циклус против аутсајдерот Гибралтар. Гостинот е по мерка да се залечат раните од неочекуваниот пораз од Грузија.
Младиот напаѓач на македонската репрезентација Бојан Миовски, не крие дека никој во таборото на македонскиот државен тим не очекувал вака тежок пораз од Грузија. Причините за тоа ги гледа во неискористените прилики кога се кршел резултатот.
-Нормално е дека сме разочарани. Да загубиш на домашен терен со 0:3 не очекувавме. Ако дадовме први гол кога доминиравме ќе имаше друг тек мечот, но примивме и потоа сѐ одеше во полза на Грузија. Треба од овој пораз да извлечеме поуки, да ги анализираме грешките и да ги залечиме раните против Гибралтар, вели Миовски.
Гибралтар е аутсајдер, но доаѓа во Скопје после реми со Бугарија (1:1). Минатата недела Макењдонија како гостин рутински го победи со 2:0.
-Нема лесен ривал во денешниот фудбал. Гибралтар покажа против Бугарија (1:1) и тоа докажува дека се добра репрезентација. Мора да пружиме максимум за да победиме, додава Миовски.