Тренерот на хрватскиот шампион Динамо Загреб, Анте Чачиќ, истакна по денешната жрепка во Нион дека неговиот тим е поквалитетен од македонскиот првак Шкупи и Линколн од Гибралтар, кои се потенцијални противници на клубот од Загреб во второто квалификациско коло во Лигата на шампиони.
– Ние ќе пристапиме без потценување, иако кога ќе погледнеме од кои земји доаѓаат нашите противници гледаме дека Динамо е поквалитетен. Мораме да се фокусираме кон нас самите и екипата да биде на оптимално ниво за да ја совладаме првата пречка, изјави Чачиќ за официјалниот сајт на загрепски Динамо.
Според Чачиќ, македонскиот Шкупи би бил потежок противник за Динамо, уште повеќе што на клупата на клубот од Скопје седи Гоце Седлоски, кој во минатото беше и фудбалер и тренер на загрепскиот клуб.
– Мислам дека потежок би ни бил противникот од Скопје. Теренот сигурно би бил врел за нас. Гоце Седлоски, нашиот поранешен играч, добро нè познава и ќе стори сè за да ни го отежни пласманот во следната рунда, истакна Чачиќ.