Завршницата од годинашната сезона во елитната ракометна Лига на шампионите ќе биде претстојниов викенд во Келн, каде ќе се одигра 13. завршен Ф4 турнир на кој ќе учествуваат германскиот Кил, шпанската Барселона, полскиот Кјелце и унгарскиот Веспрем. Во полуфиналето, в сабота се среќаваат: Веспрем – Кјелце (15,15 ч) и Кил – Барселона (18 ч.). Победниците в недела во 18 часот играат за трофејот, а поразените од 15.15 часот како увертира за овој завршен меч ќе се соочат во борбата за 3. место.
Учесниците на завршниот турбнир имаат освоено 14 титули од вкупно 30 во Лигата на шампионите. Само унгарскиот Веспрем за кога ја игра последната сезона македонскиот репрезентативец Дејан Манасков, нема освоено европска титула.
Барселона е бранител на титулата откако минатата сезона го освои трофејот со сите 20 победи. Каталонскиот клуб ќе стане првата екипа со десет учества на завршниот турнир во Келн. Следуваат „зебрите“ од Германија со осум настапи, а Весрпем има едно учество помалку. На врвот на стрелците остануваат Микел Хансен и Кирил Лазаров со по 68 реализации. Тие двајца оваа сезона нема да бидат дел од спектаклот во „Ланксес Арена“ кој ќе го даде новиот европски клупски шампион.
Арпад Штербик останува човекот кој претставувал четири различни тима во завршната битка за трофејот, меѓу кои е Вардар. Лазаров на оваа листа ја дели втората позиција со настапи за три екипи (Сиудад Реал, Барселона и Нант).