Македонскиот кошаркар Валентино Каранфиловски кој игра за унгарски тим и македонката Нина Буралиева ја раскажуваат својата љубовна приказна. Споделуваат сличен животен пат, кој двајцата ќе ги одведе во Унгарија на млада возраст – Тино на свои 15 години ја започнува својата интернационална кариера во Печ, а некоја година подоцна и Нина пристигнува во Будимпешта за своите студии по бизнис.
Иако честопати циркулирале во исти друштва, патиштата им се разминувале, се до мигот кога благодарејќи на сличен интерес за здрави животни навики, конечно се запознаваат. Желбата за прв „официјален“ состанок го мотивира Тино по вечерниот натпревар да извози 150 км за да ја остварат замислената средба. Првичните искри бргу се распламтуваат кога сфаќаат дека споделуваат многу исти интереси и животни вредности.
Ги спојува и слична судбина на заминување во странство со цел остварување на професионалните цели, но животот се погрижува да им ги оствари и најдлабоките, интимни желби на приватен план. Тоа им помага заедно да ги пребродат трауматските пандемиски предизвици во затвореното унгарско општество и ги зацврсти нивните убедувања дека љубовта на прв поглед е истовремено и љубов за цел живот. Максимално посветени на својата љубов, наскоро го започнуваат и заедничкиот живот, кој и практично ќе им покаже дека совршено се вклопуваат и се создадени еден за друг.
Со голем романтичен гест, на прекрасно осмислен миг на јавно запросување на еден настан во отмен хотел, Тино и Нина си велат „да“ и пред своите пријатели си ја ветуваат заедничката иднина. По завршување на професионалните обврски, се враќаат дома за да ја споделат својата среќа со семејствата и да ја овековечат нивната безусловна љубов. На 22-23 години господин и госпоѓа Каранфиловски донесоа зрела одлука. Од август повторно се враќаат во Унгарија, заедно испишувајќи нови поглавја во нивната животна бајка.
фото: (С.Ѓ.)