Македонскиот ракометен репрезентативец Дејан Манасков нема да конкурира за настап во тимот на унгарскиот Веспрем против полскиот Кјелце на денешниот (15.15 ч.) полуфинален натпревар од Лигата на шампионите на Ф4 турнирот во Келн. Левото крило на Веспрем ќе остане на трибините. Тренерот на Веспрем Момир Илиќ се одлучи да им даде предност на Петер Лукач и Мануел Штрлек за левата крилна позиција.
Нашиот ракометар пропушти поголем дел од тековната сезона. Тешката повреда го натера да паузира долг период, па можеби оваа одлука на Илиќ и не е така изненадувачка.
Причината за изоставувањето на Манасков засега не е позната, но до некаде беше и очекувана затоа што вчера тој присуствуваше на свадбата на неговиот брат. На крајот на оваа сезона Манасков си заминува од унгарскиот тим и засега не е познато кој клуб ќе биде негова наредна дестинација.
Во вториот меч денеска (18 ч.) ќе се судрат Кил и Барселона.