Поранешниот македонски фудбалски репрезентативец Крсте Велкоски и босанскиот прволигаш Сараево го раскинаа договорот кој имаше важност до 31 мај 2023 година. Велкоски остави неизбришлива трага во двата мандати кои ги помина на Кошево каде ја носеше и капитенската лента на тимот на Сараево. Со своите голови, асистенции и трофеи тој засекогаш остана запишан со златни букви во историјата на Сараево каде пристигна во јануари 2014 година од Работнички за да по две години да се пресели во јужнокорејскиот Инчеон Јунајтед. По 18 месеци поминати во Јужна Кореја и Тајланд, се врати во Сараево во летото 2017 година и со многу успеси во последните пет години го носеше „бордо“ дресот.
Со освоените три шампионски титули и три трофеи во Купот на БиХ, тој стана еден од најтрофејните фудбалери во историјата на клубот.
Своето деби го имаше на 1 март 2014 година против Челик и оттогаш забележа 235 настапи, постигнувајќи 64 гола и забележа 44 асистенции. Со овој ефект тој стана еден од најдобрите 10 стрелци на Сараево во историјата. Велкоски е странец со најмногу настапи, трофеи, голови и асистенции во историјата на Сараево. Во својата кариера 15 пати го носеше дресот на македонската А репрезентација со која учествуваше на Европското првенство во 2021 година. Се најавува дека по завршувањето на играчката кариера тој ќе се врати во бордо семејството во поинаква улога.