Надал со загубен сет се пласираше во третото коло на Вимблдон

Освојувачот на 22 гренд слем титули, Рафаел Надал го продолжува „патот“ на Вимблдон, откако ниту паузата од еден час за кревање на покривот на „Централниот терен“ во Лондон не му попречи да ја комплетира 6:4/6:4/4:6/6:3 победа над Литванецот Рикардас Беранкис.

Шпанскиот ас правеше премногу некарактеристични грешки во текот на мечот против светскиот тенисер број 106., кој му направи многу проблеми во вториот и трет сет. Кога беше на чекор до победа со 3:0 водство во четвртиот сет, на Надал му попречи лондонскиот дожд, кој предизвика необично долга пауза од еден час за поставување на покривот.

Светската тенисерка број 1, Ига Швјонтек, пак, се намачи за да стигне до 6:4/4:6/6:3 победа над Лесли Патинама Керкхове, за продолжување на рекордот на 37 победи едноподруго. Полјачката нема загубено од февруари, период во кој освои шест титули, вклучувајќи ја и круната од Ролан Гарос.

Иако во 2018 година беше јуниорска шампионка на Вимблдон, Швјонтек го нема поминато четвртото коло во сениорска конкренција. 138-рангираната Патинама Керкхове пристојно ја намачи фаворитката, откако беше израмнета до 4:3 во последниот сет.

Поранешната светска тенисерка број 1 и ексшампионка, Романката Симона Халеп исто така имаше тежок меч, победувајќи ја Кристен Флипкенс со 7:5/6:4. Халеп веднаш загуби на свој сервис, и губеше со 5:2 во првиот сет, пред да направи фантастичен камбек, а и во вториот сет, Флипкенс поведе со 3:0, пред Романката да се врати и да го комплетира мечот.

Домашната фаворитка, Кејт Бултер стигна до својата најголема победа во кариерата, совладувајќи ја поранешната финалистка од Вимблдон, Чехинката Каролина Плишкова со 3:6/7:6(4)/6:4.

Треба да знаете
Последни објави