Со цел транспарентно информирање на јавноста, Владата на Република Северна Македонија денеска на официјалната веб страна интегрално го објави предлогот на француското претседателство и можете да го преземете на следниот линк:
Предлогот во кој се вградени забелешките на Владата од денеска е достапен за јавноста и ставен на широка консултација која започна утрово со состанок на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски со членовите на владината коалиција.
Во текот на денот и во следните денови, Владата продолжува со транспарентно информирање на владината коалиција, сите засегнати страни и граѓаните за предлогот преку јавна дебата.
Ковачевски најави дека ќе се отвори процес на широки консултации, кој ќе се одвива транспарентно, а јавноста во детали ќе биде запознаена со сите следни чекори.
– Со владината коалиција денескa разговараме за европскиот предлог врзан со евроинтеграциските процеси на Република Северна Македонија кој вчера пристигна во МНР и за процесот за консултација кој следи понатаму. Секоја одлука поврзана со предлогот ќе ја носиме заеднички и преку широк консултативен процес, напиша Ковачевски на фејсбук.
Во текот на денот, покрај средбата со коалицијата, ќе се одржат низа консулатации и разговори со експертската и стручната јавност, како и медиумите.
Премиерот повика на одговорност од сите релевантни чинители во општеството, бидејќи, како што нагласи, шпекулации за важни државни и национални прашања не одат никому во прилог, наведува Ковачевски.
Ковачевски апелира до сите политички актери и медиумите да се потпираат на официјалните информации од институциите и побара конструктивност и поддршка од сите чинители за да се донесе мудра одлука во интерес на сите граѓани.