Во Владата во тек е средбата на премиерот Димитар Ковачевски со лидерите на партиите од владината коалиција на која ќе се разгледува предлогот на француското претседстелство за отстранување на бугарското вето и за старт на преговорите за членство на Република Северна Македонија во Европската унија.
Со ова, како што најави премиерот Ковачевски, се отвора процес на широки консултации.
Веднаш по средбата, францускиот предлог ќе биде објавен интегрално на веб страницата на Владата.
– Во текот на денот, покрај средбата со коалицијата, ќе се одржат низа консулатации и разговори со експертската и стручната јавност како и медиумите. Како што веќе најавив вчера целиот процес ќе се одвива транспарентно, а јавноста во детали ќе биде запознаена со сите следни чекори. Повикувам на одговорност од сите релевантни чинители во општеството, шпекулации за важни државни и национални прашања не одат никому во прилог, напиша Ковачевски на фејсбук.
Тој апелира до сите политички актери и медиумите да се потпираат на официјалните информации од институциите и побара конструктивност и поддршка од сите чинители за да се донесе мудра одлука во интерес на сите граѓани.