Позицијата во која денес се наоѓаме е далеку поповолна за нас. Пред нас имаме предлог кој ги инкорпорира нашите забелешки и јасно изразени ставови. Предлогот го гледаме како солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја. Сите лажни тврдења во различни форми сметам дека потонаа. Како Влада доследно се држевме до државните позиции во однос на преговорите со Бугарија во секој поглед. Го штитевме националниот интерес и македонскиот национален идентитет, изјави премиерот Димитар Ковачевски по средбата со коалициските партнери.
Ветивме, рече тој, дека ќе се избориме да ги задржиме клучните црвени линии кои со месеци ги повторувавме и за кои Собранието усвои консензуална Резолуција.
-Во европскиот предлог имаме дефинирано позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонски јазик, како и протоколот да не биде во преговарачката рамка. Многу важно нашата позиција за понатамошно отпочнување безусловно на преговарачкиот процес и одржување на меѓувладина конференција со ЕУ исто така инкорпориран во предлогот којшто е доставен кај нас. Би сакал да повторам дека имаме план и стратегија која дава резултати, рече Ковачевски.
За да изградиме официјален став како држава, рече Ковачевски, со оваа средба денеска го отпочнавме широкиот консултативен процес. Премиерот најави средби и со претседателот на државата кој е целосно досега упатен и консултиран со сите детали, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, медиумите, експертската и севкупната јавност во земјата.
Предлогот, вели Ковачевски, го гледаме како солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја. Сите лажни тврдења во различни форми сметам дека потонаа.
-Како Влада доследно се држевме до државните позиции во однос на преговорите со Бугарија во секој поглед. Го штитевме националниот интерес и македонскиот национален идентитет.
На денешната средба со коалициските партнери министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот Бојан Маричиќ ги образложиле и процесот и предлогот.
– Разговаравме со факти, детали, но и имајќи ја на ум и предвид нашата стратешка позиција и цел членството во ЕУ, рече премиерот, кој додаде дека коалициските партнери ќе го разгледаат предлогот и оти ќе дадат свое мислење за него. Ставот со нив, како што кажа, ќе биде изграден на следен состанок. Духот на разговорот, според Ковачевски, беше на ниво на исклучителна одговорност на моментот на којшто е исправена Република Северна Македонија.
Истакна дека процесот за носење конечна одлука е транспарентен и ќе бидат споделени со јавноста релевантни детали.
– После оваа средба целиот предлог ќе биде објавен на веб-страната на Владата. Но, од нас најмногу зависи како ќе тече, во која насока ќе се движи тој процес. Затоа ова е првиот состанок во државата, ова е првото и најважно место за носење мудри, прецизни и државнички одлуки. Одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме ние на принцип на заеднички позиции, мериторна основа, согласно стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани, рече Ковачевски.