Актуелниот вицепремиер и министер за финансии во бугарската влада во заминување Асен Василев е кандидатот да го наследи премиерот во оставка Кирил Петков од редовите на „Продолжуваме со промените“. Претходно коалициониот партнер во досегашната влада Партијата на бугарските социјалисти (БСП) постави услов Петков да не биде кандидат за премиер, ако сакаат да продолжат консултациите за нова влада. Условувањето уследи по одлуката за протерувањето на 70 руски дипломати од Бугарија.
-Асен Василев е личност на која безусловно и верувам, рече Петков во својата изјава за својот сопартиец кој е и ко-претседател во „Продолжуваме со промените“. Петков потенцирал дека нема да дозволат Бугарија да тргне во погрешна насока.
-Нема да дозволиме грст луѓе да ограбуваат јавни средства. Нема да дозволиме странските дипломати да поставуваат ултиматуми, рече Петков.
Руската амбасадорка Елеонора Митрофанова во четвртокот упати нота со која и постави услов на Бугарија да ја откаже одлуката за протерување на 70 руски претставници во Бугарија, а доколку тоа не се направи до петок во 12 часот, руската амбасада во Бугарија ќе биде затворена.