Вкупно 42 судии и 10 јавни обвинители над 62 или 64 од денеска се во пензија. Како што информираа за МИА од Советот на јавни обвинители и Советот на судии на Република Северна Македонија, денеска биле донесени одлуки со кои се констатирал престанок на нивната функција поради исполнување на условите за пензија.
Собранието вчера не ги изгласа измените на Законот за работни односи со кои работниот век на судиите и јавните обвинители ќе им беше продолжен за 3 години, а токму вчера беше последниот рок за гласањето, кое не стигна до пленарната седница поради интерпелацијата за собранискиот спикер, Талат Џафери.
– Судскиот совет на Република Северна Македонија известува дека на 407-та седница одржана на ден 01.07.2022 година го измени и дополни дневниот ред и одлучи за следното: Донесени се заклучоци во врска со Законот за работни односи Донесени се решенија со кои се ставаат вон сила донесените решенија со кои е продолжен мандатот на судиите и решенија со кои се констатира престанок на судиската функција поради исполнување на услови за старосна пензија, а согласно измените на Законот за работни односи („Службен весник на РСМ” бр.151/21) и тоа за следните судии, стои во соопштението од Судскиот Совет во кое со име и презиме се наведени 42 судии на кои им престанува функцијата.
Во изјава за МИА од Судскиот Совет велат дека со ова се испразнуваат местата а претседателите на судовите се должни да ги распоредат.
Од Советот за јавни обвинители, пак, велат дека станува збор за 10 обвинители чии предмети ќе бидат дополнително распоредени.
– На педесет и деветтата седница, Советот на јавните обвинители на РСМ, ги донесе следните одлуки: Донесени се одлуки за престанок на работниот однос на јавните обвинители: Мери Тромбева јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Битола, Елизабета Ристеска јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Сулејман Алијевски јавен обвинител во ОЈО Битола, Снежана Зафирова јавен обвинител во ОЈО Кочани, Елица Илиевска јавен обвинител во ОЈО Скопје, Гордана Смаќоска јавен обвинител во ОЈО ГОКК, Жулиета Карова Бошевска јавен обвинител во ОЈО Битола, Милка Спиркоска јавен обвинител на ОЈО Прилеп, Имран Османи јавен обвинител во ОЈО Скопје и Јован Илиевски јавен обвинител во Јавното обвинителство на РСМ, стои во соопштението од СЈОРМ.
Дополнително, на истата седница е донесена и одлука за назначување на јавниот обвинител Пецо Везироски за ВД јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Битола, како и на јавниот обвинител Марјана Илиеска за ВД јавен обвинител на Основно јавно обвинителство Прилеп.
Од СЈОРМ за МИА велат дека предмети кои досега ги имале обвинителите преминуваат во обвинителството и тоа потоа ќе ги распореди.
– Прво треба да се вратат назад, односно да се констатира кој колку предмети вратил, па раководителот кој раководи со Основното или со Вишото обвинителство ги распределува кај останатите обвинители, велат оттаму.
Министерот за правда, Никола Тупанчески, вчера изјави дека престанокот на работниот однос на судиите и јавните обвинители може да доведе до сериозни последици.
– Доколку не бидат изгласани измените и дополнувањата во Законот за работни односи, на 60-тина судии и 13 јавни обвинители ќе им престане работниот век. Одењето во пензија на судиите и јавните обвинители ќе значи дека голем дел од постапките ќе треба да почнат одново. Да не заборавиме, не се работи за една или за две постапки, кога се менува судијата во постапката, тогаш процесот започнува одново. Тоа е првата работа. Тука се разбира како Дамоклов меч ни виси и институтот на застареност, дел од постапките кои се во тек, или кои што се движат може да имаат одредена застареност во однос на нивниот правен епилог, рече Тупанчески.
Од Здружение на судска администрација на Република Северна Македонија реагираат на односот на надлежните државни органи кои, како што наведуваат во нивната реакција „во минута до дванаесет се обидоа да надминат проблем кој не е ниту нов, ниту беше непредвидлив со оглед на тоа што бројот и возраста на судиите им беа познати факти и нема простор за „изненаденост” од новонастанатата состојба”.
– Голем број на судски предмети ќе мора да почнат одново со опасност да настапи нивна застареноста, временски бавните судски постапки уште повеќе ќе се одолговлекуваат со оглед на намалениот број на судии во многу судови. Како врв на сето тоа ќе има суд или судови кои ќе останат и без судии доколку во нив не бидат времено упатени судии од други судови, стои во нивната реакција.
Посочуваат дека уште при јавната расправа по Предлог-Законот за Академија за судии и јавни обвинители која се одржала на 04.10.2019 година во Собранието на Република Северна Македонија во организација на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, истакнале сериозна забелешка што со предлог-законот воопшто не е направен обид да се искористи потенцијалот на стручните судски службеници со повеќегодишно професионално искуство во судовите.
– Кога веќе се овозможува пристап до почетна обука на лица со двегодишно работно искуство на правни работи по полагање на правосудниот испит, неразбирливо е од кои причини е изоставен и не е олеснет пристапот до почетна обука на судскиот кадар кој професионално ги извршува своите работни задачи како судски соработник или советник повеќе години низ сите судски оддели во судовите. Во секоја прилика пред надлежните државни органи во и надвор од правосудството, апелиравме дека овој дел од судската служба можеше и може беспрекорно и со скратена обука да ги извршува сите судски задачи и да го даде својот придонес за поефикасно судство во РС Македонија. За жал сите надлежни државни органи ги игнорираа ваквите укажувања заради што сега во некои судови ќе ја имаме Јустиција но без меч во раката, велат од Здружението на судска администрација.