Германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт разговарала со нејзината шпанска колешка Маргарита Роблес за потенцијална испорака на тенкови од германско производство од Шпанија за Украина.
Разговорите се одржале во рамките на средбата на лидерите на земјите од НАТО во Мадрид. Минатиот месец имаше информации дека Берлин ставил вето на шпанска испорака на тешко оружје за Украина во која би биле вклучени четириесетина од 108-те тенкови „Леопард 2 А4″ што во 1995 година Германија ги продаде на Шпанија.
Договорите за оружје меѓу земјите често вклучуваат клаузула дека продавачот мора да се консултира ако купувачот сака да го пренесе оружјето на трета страна.
Во интервју за шпанскиот весник „Мундо” Ламбрехт вели дека не добила официјално барање од шпанската Влада во врска со тенковите за Украина. На тоа дека Шпанија се уште не одлучила дали да испорача тенкови на Украина укажуваат и изјави на извори упатени во разговорите меѓу Ламбрехт и Роблес.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави во Мадрид дека Германија бара начини да и обезбеди поголема поддршка на Украина.
„Имајќи предвид дека војната продолжува и станува сè побрутална секој ден, овде на Самитот на НАТО јасно ставивме до знаење дека секојдневно го оценуваме начинот на кој ја поддржуваме Украина”, рече Бербок одговарајќи на прашањето за потенцијалните испораки „Леопард” тенкови за Украина.