Од страна на АФПЗРР на 10.277 млекопроизводители исплатени се 76.3 милиони денари за предадено кравјо, овчо и козјо млеко во месеците јануари и февруари 2021 година согласно пријавените количини од страна на преработувачките капацитети.
Корисници на оваа финансиска поддршка се регистрирани земјоделски стопанства одгледувачи на говеда, овци и кози во Регистарот на одгледувалишта. Висината на директните плаќања изнесува 3.5 денари по литар произведено и предадено кравјо млеко во преработувачки капацитети запишани во регистарот на откупувачи на земјоделски производи и 4.5 денари по литар за произведено и предадено овчо и козјо млеко.
Обезбедени се преку ребалансот на буџетот за 2022 година, дополнителни 2,7 милијарди денари, средства за исплата на субвенциите кон сите земјоделци, целосно расчистување на заостанатите обврски и започнување на авансното исплаќање на субвенциите што како можност се создаде со последните измени на законот за земјоделство и рурален развој.
Преку обезбедените средства со ребалансот на буџетот повеќе од 45.000 земјоделци во текот на 2022 година ги добиваат своите субвенции. Со ребалансот ќе бидат исплатени околу 10.200 одгледувачи на говеда во износ од околу 340 милиони денари, а се исплаќаат и околу 420 милиони денари за предадено млеко во преработувачки капацитети, како мотивирачка мерка за зголемено производство на млеко. По усвојувањето на Ребалансот, а во текот на 2022 година, кон 3.200 одгледувачи на овци ќе бидат исплатени околу 770 милиони денари, за 1.800 одгледувачи на кози ќе се исплатат околу 66 милиони денари средства преку кој овој сектор се развива.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство останува посветено да работи на својата цел, поддршка на секој еден земјоделец и развивање и модернизација на македонското земјоделство.