Проф. д-р Калина Гривчева Старделова е реизбрана за претседател на Лекарската комора на Република Северна Македонија на денешната конститутивна седница на Собранието на Комората која се одржа во просториите на Градската општа болница „8ми Септември“.
Од присутните 75 делегати на Собранието поддршка на проф. д-р Гривчева Старделова дадоа 51, додека за другиот кандидат доц. д-р Емилија Велковска гласаа 24 делегати, се наведува во соопштението од Лекарската комора.
Во своето обраќање пред членовите на Собранието, Гривчева Старделова даде краток преглед на активностите во изминатиот приод и ја презентираше програмата за работа во наредниот период. Активностите, како што посочи, ќе бидат насочени кон зајакнување на улогата на Комората како еснафско здружение, унапредување на статутот на лекарите и ќе кон иницирање на реформи во здравствениот систем кои ќе креираат подобри услови за работа на лекарите и за лекување на пациентите.
Собранието ги избра и членовите на другите органи и тела кои ќе ја водат Лекарската комора во следните четири години. За заменик-претседател е избран д-р Беким Исмаили, додека за потпретседатели се избрани д-р Љупчо Стефановски, д-р Маја Манолева и д-р Алберт Леши.
За нов претседател на Собранието е избран д-р Висар Муча, а за потпретседатели на Собранието на Комората д-р Александар Димовски и д-р Берат Лена.
Нови членови на Извршниот Одбор се д-р Лилија Чолакова Дервишова, д-р Дафина Караџова, д-р Кадри Хаџихамза, д-р Тодор Кичуков, д-р Мевлудин Куч, д-р Илбер Бесими, д-р Дениел Поповски, д-р Илир Шурлани и д-р Џабир Бајрами.
Членовите на органите и телата на Комората се заблагодарија за изборот и ветија посветена и одговорна работа во наредниот период.