Одговор од Левица на демантот од општина Аеродром за договорот склучен со компанијата „Брако.”
ВМРО-ДПМНЕ кои беа најгласни во реакциите против набавката на метларките од страна на Златко Марин, поранешен градоначалник на Општина Аеродром, денес немаат проблем да ја бранат истата одлука и да тврдат дека се добри за одржување на јавните површини.
Покрај големиот број на бурни реакции кои, тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги имаше за сите јавни набавки на Марин кои беа со астрономски суми и нивните ветувања кон жителите на Општината дека ќе има ревизија и кривична одговорност штом тие ја преземат власта, денес не гледаме ништо од тоа.
Од Општината одат дотаму што во нивната контра-реакција на нашето првично соопштение, тие ја спинуваат нашата објава и ја обвинуваат Левица дека е против одржување на постоечкиот имот на општината.
Јавно го прашуваме градоначалникот Тимчо Муцунски, дали кога портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прес обвини дека тендерите за метларки на Анѓушев се “идеална шема за собирање на народните пари” – истиот беше против одржување на јавниот имот?
Дали кога сегашниот директор од ВМРО-ДПМНЕ, Златко Перински, тврдеше дека половина милион евра за набавка на метларки е расфрлање со парите на граѓаните – истиот беше против одржување на општинскиот имот?
Дали Градоначалникот Муцунски има поднесено кривична пријава до поранешниот градоначалник, како што најавуваше ВМРО-ДПМНЕ од опозиција за сите спорни набавки или нивните тогашни напади против СДСМ беа само фарса и начин на купување на гласови од незадоволните жители на Општината?
Паушалното соопштение на општина Аеродром со кое “ги охрабруваат институциите” да откријат дали има евентуален криминал во набавката од компанијата на Анѓушев е само манипулирање на жителите на Аеродром.
Градоначалникот Муцунски, како татко на општината, е должен да обелодени дали општината поднела кривична пријава против поранешната локална власт и дали институциите ги затајуваат ваквите случаи.
Во спротивно, и Муцунски е соучесник во криминалите на Марин, додека милионски суми од жителите на Аеродром завршуваат во приватни џебови.